Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе ги помилува сите уапсени учесници на антивладините протести што се одржаа во саботата, освен оние што извршиле насилство.
„Оние што ќе побараат помилување, ќе бидат ослободени“, изјавил висок извор од кабинетот на Вучиќ за „Блиц“.
Српскиот весник на својата интернет-страница објави дека помилувањето се однесува на сите, освен на лицата што во зградата на Радио-телевизија Србија влегоа со моторна пила и им се закануваа на новинарите. Нема да бидат помилувани ниту лицата што нападнале полицајци пред претседателството на Србија.
„Танјуг“ објави дека Вучиќ побарал сите учесници на протестот што добиле прекршочни казни поради насилниот упад во РТС и во текот на протестот пред претседателството на Србија да бидат помилувани.