Заев: Ако Пендаровски загуби од Силјановска ќе има предвремени избори
Премиерот Зоран Заев остави простор за предвремени парламентарни избори, но само доколку кандидатот на СДСМ и владеачката коалиција Стево Пендаровски загуби од опозицискиот кандидат, Гордана Силјановска Давкова.
-Ако кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, загуби на претстојните претседателски избори од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, ќе се распишат предвремени парламентарни избори – изјави Заев, според кого СДСМ се уште водела пред ВМРО-ДПМНЕ, но со мала разлика.
Одговарајќи на новинарско прашање за преговорите со опозицијата околу Законот за јавно обвинителство, тој рече дека овие преговори не се пазарења.
-Кој сум јас и кој е Христијан Мицкоски да кажуваме кои обвинители треба да бидат избрани, а кои не, кога во Македонија има Совет на јавни обвинители и таму е изборот на оваа обвинителска власт -одговори Заев.
Премиерот смета дека ако опозицијата реши да не гласа за овој системски закон, кој се носи со двотретинско мнозинство, треба да се продолжи по старо со постоечките закони
Заев денеска во суд сведочеше на рочиште каде се јавува како оштетен поради закани упатени на „Фесјбук“ од 2016 година.