Ништо од тоа што ќе направи не може да биде чесно, ако на една власт и недостига правда. Чекањето на ветениот живот, заврши со неветена неправда која е секојдневие, рече денеска во обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Неправдата сторена било каде и било кому е закана за правдата насекаде. Каква и неправда да се случи некому, тоа влијае на сите нас заедно“, истакнува Мицкоски.
Но, како што вели тој, доаѓаат нови ветришта, а народот повеќе нема да дозволи да биде излажан.
„На власта би и порачал да се воздржи од плукање против ветрот, бидејќи се во животот се менува, но и се враќа. Секоја неправда, секоја солза на старата мајка за своето чедо, остава трага. Секоја година затвор од оние 211 години робија, ќе тежи на нечистата совест на оваа неправедна власт. Секоја нова воздишка на младиот човек со надеж дека може да биде подобро е истата како и секоја друга во изминатите 28 години, но и тој исто како и сите ние знаеме дека ние самите сме носители на нашата судбина и ќе биде подобро само доколку се избориме за тоа“, нагласува лидерот на опозициската партија.
Мицкоски вели дека нема човек кој веќе верува дека со оваа власт може да биде подобро.
„Тогаш нема што да се чека. Време е за казна за изневерените очекувања, лагите и неправдите, за измамата со чувствата на граѓаните. Време е да се покаже дека овде има достоинствен народ што не дозволува да биде потценет и излажан. Ова веќе е битка за нашето достоинство, нашата верба во вредностите и за тоа што сакаме да бидеме во иднина“, додава тој.
Според партискиот лидер, секоја генерација си има своја битка, а како што вели, оваа е за опстанокот на земјата.
„Од сите нас зависи победата која ќе ја донесеме, затоа да се избориме за правото, правната држава и владеењето на правото. Ова битка е околу победата, а победата е Македонија со секој еден нејзин човек. Да го поразиме Заевизмот, за да ја спасиме Македонија“, нагласува Мицкоски во обраќањето.