Фудбалерите на Барселона синоќа го декласираа Бетис со 1:4, а нова брилијантна партија одигра аргентинскиот волшебник Лионел Меси.
Аргентинецот постигна нов хет-трик, а посебно импресивни беа првиот и третиот гол. Со вчерашниот хет-трик, Лионел Меси собори неколку рекорди. Меси стана првиот играч кој постигнал пет гола директно од слободен удар во петте најсилни европски лиги и Лигата на шампионите оваа сезона.
Потоа, стигна до бројката од 600 постигнати голови за сите тимови на Барселона. Аргентинецот во дресот на првиот тим сега има 589 погодоци, за „Б“ тимот има 6 и за „Ц“ тимот има 5 погодоци.
Покрај тоа, Меси со новиот хет-трик се израмни со Кристијано Роналдо по бројот на хет-трикови во Примера и сега и двајцата имаат по 34.