Покрај Иванов во истата зграда на Водно два стана купил и неговиот шура
Покрај претседателот Иванов, во истата зграда на Водно два стана купил и неговиот шура. Во деталниот преглед на податоците за катастарската парцела до која дојде Телевизија 24 со барање за слободен пристап до информации, стои дека до синот на Иванов ќе живеат и неговите братучеди. Братот на првата дама, Сашо Тоневски купил по еден стан за синот и за ќерката. На вториот кат, каде се наоѓа и поголемиот стан на Иванов, шурата купил стан од 109 метри квадратни. Вториот стан е исто на мансардата како Иванови, од 96 метри квадратни. И двете деца имаат и по една гаража.
Ова не е единствениот имот на братот на Маја. На име на Тоневски во катастарот се запишани уште неколку стана. Шурата на Иванов во 2016 година беше прозван од портпаролот на тогашната опозиција, Петре Шилегов, дека неговата фирма „Делфино травел балканс“ била основана со сомнителни пари од Панама. Една недела откако изби аферата Панама пејпрс, фирмата преку ноќ била избришана од Централниот регистар. Иванов тогаш ја демантираше веста на опозицијата и најави тужба, која никогаш не стигна до СДСМ.
СДСМ сега бара претседателот да каже со кои пари неговиот синот ги купил двата стана на атрактивана локација на Водно. ВМРО-ДПМНЕ, пак, се држи настрана и не сака да коментира. Без коментар денес е и претседателот Иванов.
„Со кои пари, синот на Иванов ги купил овие два стана, ако не е вработен. Ако становите му ги купиле неговите родители, тогаш зошто не се пријавени во нивните анкетни листови. За кои пари ги купиле, зошто во анкетниот лист нема наведено ниту еден подигнат кредит.“ – изјави Константин Костадинов, портпарол на СДСМ.
Државната антикорупциска комисија отвори предмет по добрен глас за да го проверува имотот на претседателот Ѓорге Иванов, откако телевизија 24 објави дека тој купил два стана и гаража на име на неговиот син. Антикорупционерите сега ќе проверуваат каков се имот поседува претседателот и од каде му се парите за двата стана, кои според проценките чинат над 250 илјади евра. Иванов во Антикорупциска не пријавил дека трошел пари од банкарските сметки, ниту дека зел кредит за купување на станови. Иванов побара антикорупционерите да ги истражат имотите и на другите функционери во државата.