Отворањето преговори со Северна Македонија во јуни ќе биде приоритет на романското претседателство, но неизвесноста ќе трае сѐ додека не се објави извештајот на Европската Комисија, велат високи дипломатски извори во Брисел за МИА.
Коментирајќи го појадокот со министерот Димитров и вицепремиерот Османи утрово во Брисел, организирано од романското претседателство и од грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, дипломатот вели дека средбата била “многу корисна” и “покажа голема поддршка од земјите членки за следните чекори како и за отворање дискусија околу реформите”.
-Појадокот беше многу корисен затоа што нашите колеги од Северна Македонија, министерот и вицепремиерот презентираа што е направено во смисла на реформите и беше многу корисно за земјите членки да бидат информирани, велат извори инволвирани во подготвувањето на јунскиот совет на кој треба да се одлучува за преговори со Македонија.
Останува дека е неизвесна агендата на јунскиот совет. Со оглед на претстојните избори за Европскиот Парламент, што ќе се одржат на крајот на мај, и на чувствителноста на европската јавност околу проширувањето, Европската Комисија одлучи да ги одложи извештаите за земјите од Западниот Балкан за првата седмица по изборите, најверојатно на 29 мај.
Советот за општи работи, пак, е предвиден за 18 јуни, што не остава многу време за земјите членки да ги разгледаат наодите на Европската Комисија и да донесат одлука.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, денеска за МИА изјави дека мора да се вложи напор и да се стават преговорите со Македонија на дневен ред, и дека тоа е изводливо.
Романското претседателство вели дека “напорно работи” да биде ставена темата на дневен ред на јунскиот совет, но дека ништо не може да гарантира сѐ додека не излезат извештаите на Европската Комисија.
-За нас ова е приоритет и вложуваме целосен напор да си го одржиме ветувањето, велат за МИА дипломатски извори.
Прашање, исто така, е како ќе постапи Европската комисија во однос на препораките за отворање на преговори. Иако извршната власт е склона кон создавање пакети на земји, како што беше случај за нашата земја и Албанија во ланските извештаи, сѐ повеќе земјите членки инсистираат дека е суштински секоја земја да биде вреднувана според сопствените заслуги. Ова денеска го повтори и шефот на белгиската дипломатија за МИА.