Синдикалните организации на француските царински служби продолжуваат со нивниот штрајк „со строги контроли” и бараат повеќе човечки и финансиски ресурси во пресрет на Брегзит, јави дописникот на МИА.
Француската Влада во два наврати предложи план за зголемување на платите, кое синдикатите на цариниците го оценија како „недоволно”, по што повторно повикаа на изразување на незадоволството со забавување на сообраќајот преку ригорозни контроли, согласно правилата.
Од ваквиот штрајк на цариниците особено тешко се погодени возовите „Евростар” за Лондон, при што два од нив беа откажани утрово. Компанијата „Евростар” на својата веб-страница наведе дека очекува проблеми во одвивањето на сообраќајот до среда, 20 март.
Во меѓу време, француската Национална федерација на патниот транспорт повикува од вечерва да биде блокиран автопатот А16 помеѓу Денкерк и Кал.