Европската комисија не е задоволна од камповите за бегалци во Грција

Три години по договорот меѓу ЕУ и Турција за надминување на мигрантската криза, Европската комисија сериозно ја критикува состојбата во грчките бегалските кампови, пишува германскиот весник „Велт Ам Зонтаг”.

Критиките на ЕК доаѓаат врз основа на извештај на гермаската Амбасада во Атина.

Весникот го цитира Сајмон Морду, шеф на Управниот комитет за спроведување на европско-турскиот договор, според кого, бегалскиот камп на грчкиот остров Самос е „срам за Европа”.

ЕК, повикувајќи се на извештајот на Амбасадата на Германија, ги повикува членките на ЕУ да извршат притисок врз Атина да преземе одговорноста за условите во камповите и да ја забрза процедурата за азил.

Во извештајот се истакнува дека во 2018 година од 322 дојдени мигранти и бегалци, само еден процент биле вратени во Турција. Сиријците, за кои ЕУ има договор со Турција, се само седум проценти од новопристигнатите.

Договорот беше дел од миграциската политика на Германија и беше сериозно критикуван од десницата во целата Европска унија.

Весникот пишува дека Германците го гледаат договорот како „неуспех” барем во однос на враќањето на бегалците.

– Само промена во Владата може да ја зголеми желбата за поактивна политика за враќање, се вели во извештајот на Германската амбасада.

Германскиот извештај беше коментиран и од портпаролот на грчкото Министерство за миграцијата, кој рече дека Грција била оставена сама да се справи со миграциската криза.

– Распределба на мигранти низ земјите членки ќе покаже дали се уште има солидарност во ЕУ, вели портпаролот.

Недостигот на солидарност и неуспехот на Турција да ги спречи чамците полни со мигранти да испловуваат од турскиот брег, е причината за состојбата на Самос, вели официјална Атина.

Во извештајот се поздравува работата на Турција во однос на миграцијата, која згрижила 3,5 милиони сириски бегалци „со финансиска помош на ЕУ”.

Германскиот весник истакнува дека ставот на Комисијата е оти грчката Влада е одговорна за обработката  на податоците на мигрантите, а Комисијата и помага.

– Атина постојано се потсетува за предизвикувачката ситуација на островите, пишува весникот.

Треба да знаете
Последни објави