По повод десет години од организирање на манифестацијата „Робомак” и 60 години од постоење на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), денеска се одржа свечено отворање на „Робомак 2019″ во организација на факултетот. Годинава, факултетот организира „Недела на роботика” во чии рамки ќе се реализираат низа активности наменети за најмладите- учениците од основните училишта, средношколците и студентите.
– „Робомак” станува еден од најпрепознатливите знаци на нашиот факултет. Годинава настанот ќе го организираме во Домот на АРМ. Празнување на манифестацијата го поделивме во цела недела така што оваа недела ја нарековме „Недела на робоматиката”. Во рамките на неделава вклучуваме различни категории на учесници. Ќе заппочнеме со најмалите, ученици од основните училишта и за прв пат оваа година ќе бидат организирани предавања на кои ќе присуствуваат учениците од основните училишта, појасни професорка Соња Геговска-Зајкова, продекан на наставата на ФЕИТ.
Таа додаде дека во натпреварувачкиот дел покрај студентите, оваа година се вклучени и учениците од средните училишта, а вкупно ќе бидат вклучени 40 ученици од 20 средни училишта во државата.
– Најпрвин ќе посетуваат предавања, ќе учат за тоа на кој начин работат машините, да донесуваат одлуки и да се натпреваруваат во програмирање и управување со роботи. Финалето за средношколци ќе биде во петок, а најдобрите ќе присуствуваат и во натпреварувачкиот дел на главниот „Робомак”, односно натпреварот во кој учесници ќе бидат студентите од нашиот факултет, но исто така и гостите од Република Србија. Нашите натпреварувачи ќе се натпреваруваат во шест различни категории, во дел од категориите ќе имаме програмирање и управување на роботите и натпреварот ќе го завршиме во сабота со големото финале, додаде професорката.
Професорот Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, објасни дека да се говори за роботи, да се создаваат машини со вештачка интелигенција, да се работи на машини што размислуваат веќе не е новост ниту на нашите академски граѓани и дека целта на академската заедница е да прифаќа и создава нова реалност, да се прилагодува и создава алатки за олеснување на животот.
– Можеби токму нешто што вие денеска овде го замислувате и иновирате ќе биде она што ќе го отвори најголемиот број работни места во иднината. Гледате многу примери за тоа како ентузијасти токму од факултети станаа едни од најголемите светски познати билионери и сопственици на најголемите ИКТ компании. Делот на роботиката особено е важен, не само на техничко и на научно ниво, но и на политичко ниво, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, обраќајќи им се на студентите.
Посочи дека во моментов главниот фокус на разговорите е вештачката интелигенција и смета дека е добро што постои голема свесност и интерес кај младите.
-Овие работни места и струки се најбарани а има најголем недостаток на работна сила и кај нас, но и секаде во светот. Од друга страна обезбедуваат највисоки просечни плати во државата. Насочувањето на младите кон овие науки и технологии ни обезбедува да се обидеме да ве задржиме овде, рече Манчевски.