Пензионирани полицајци возат на диво ѝ ни го јадат лебот

Градот Скопје не ги спроведува на дело сопствените правилници и одлуките донесени за регулирање на такси превозот во градот и дозволува хаос во такси превозот кој го предизвикуваат нелегалните таксисти, реагира Групација на авто такси превоз и бара од Градот да ги спроведе сопствените одлуки и правилници и да стави ред во областа.

– На улиците низ Скопје возат над 5.000 таксисти, иако Градот има издадено 2.400 лицанци. Интересно е и тоа што за пет пати помалку таксисти се плаќаат придонеси, вели претседателот на групацијата Сашо Рајчановски.

Од Групацијата тврдат дека најголемиот дел од таксистите без лиценци се пензионирани полицајци и воени лица кои покрај високите пензии заработуваат на сметка на државата бидејќи не плаќаат придонеси.

-Овие таксисти ја оштетуваат државата и градот за износот на неплатените придонеси некаде околу 2 милиони евра годишно и дополнително и им го одземаат работното местото на 1.500 до 2.000 таксисти кои би биле експресно вработени кога би се сузбиле дивите таксисти, вели Рајчановски.

Според него, со решавањето на проблемот со дивите таксисти корист би имале не само таксистите кои легално работат и плаќаат придонеси, туку и граѓаните и Градот Скопје.

– Прво би се намалило согорувањето на 20 до 22 тони гориво во текот на годината со што би се придонело за почиста животна средина, би се спречиле манипулациите на граѓаните со цените, би се намалил притисокот за проширување на такси станиците во градот, а државата би наплатила придонеси и даноци од новите вработувања и цените на билетите бидејќи би биле фискализирани – вели Рајчановски.

Од Групацијата ја споделија и информацијата дека до сега не виделе ниту сообраќаен инспектор да запре и да провери таксист на улица, ниту, пак, инспектор за труд да направи проверка дали таксистите се пријавени.

 

 

Треба да знаете
Последни објави