Аменсти интернешнал објави дека во изминатите две години огромен број цивили загинале во американските воздушни напади, поради што војската на САД би можела да се смета за виновна за воени злосторства.
Групата за човекови права соопшти дека во истрагата на само пет воздушни напади биле документирани 14 убиени цивили, мал дел од 110те такви напади за кои американската армија вели дека започнале во јуни 2017 година.
Војската на САД го отфрли извештајот на Амнести, велејќи дека во воздушните напади во Сомалија биле убиени 800 милитанти, но не биле повредени ниту убиени цивили.
„Во моментов проценуваме дека нема цивилни жртви како резултат на воздушните напади на американската војска“, се вели во соопштението на Африканската команда на американската војска, АФРИКОМ.
Брајан Кастер, виш советник за кризи за оружје и воени операции на Амнести интернешнал, изјави дека бројот на цивилни жртви во мал број воздушни напади што групата за човекови права можела да ги истражи сугерира дека тајноста околу улогата на САД во војната во Сомалија всушност им дозволува да поминат неказнето.
„Членовите на владините сили на САД кои ги планираа и спроведоа воздушните напади можеби извршиле прекршување на меѓународното хуманитарно право, вклучително и незаконски убиства, што би можело да се смета за воено злосторство“, се вели во извештајот на Амнести.
Во Сомалија, која е една од најсиромашните земји во светот, владее граѓанска војна уште од 1991 година. Во последните неколку години, американската војска ја поддржува владата во Могадишу, исто така поддржана од ОН, која се бори против исламистичката милитантска група Ал Шабааб.