По истражната постапка, надлежниот јавен обвинител утврди дека обвинетиот со умисла го убил Н.Д. од Скопје, на 28 декември лани на улицата Шарпланинска, во скопската населба Даме Груев.
Обвинетиот пред да го изврши убиството, од домот на неговиот дедо земало ловечката пушка „црвена застава- крагуевка“ и ја скрил во грмушките на улицата Шарпланинска. Потоа му се јавил на сега починатиот за да му каже дека на возилото „бмв“ има дефект на конкретното место, но дека ќе носи и 850 евра кои му ги должи. Оштетениот пристигнал на договореното место со автомобил „пасат“, сторителот пришол и седнал на совозачкото седиште. Додека разговарале, обвинетиот му рекол на сега починатото лице дека парите кои ги носи се во евра и дека треба да ги сменат во менувачница. Но пред да заминат, сторителот излегол од возилото и ја оставил вратата од страна на совозачот отворена. Го замолил оштетениот да го почека, па отишол до грмушките, го зел оружјето и се вратил кај возилото по што испукал еден куршум во сега починатиот. Вториот смртоносен куршум од оружјето бил испукан во грбот на оштетениот, откако тој се обидел да излезе од возилото.
Со поднесување на обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот поради постоење на опасност од криење и бегство.