На претходната набавка која заврши за 12-те нови возила за Итната медицинска помош по систем на електронска аукција постигната е цена од 20-тина милиони денари. Од нив најмалку шест ќе добие Итната медицинска помош во Скопје во договор со директорот на Здравствениот дом Скопје, со што нејзиниот капацитет двојно ќе се зголеми, а останатите возила ќе бидат распределени во другите здравствени домови низ државата.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче по средбата со новинарите. Со тендерот за возилата биле предвидени да се издвојат 36 милиони денари и има заштеда од 15 милиони денари со кои, како што информира министерот, може да бидат набавени дополнителен број нови возила за Итната медицинска помош.
Во врска со тоа колку ќе чини пренамената на осумте комбиња од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во амбулатни возила и набавката на опрема, рече дека Секторот опрема ги анализира и очекува за кратко време да добие информација. – Тоа се комбиња кои не беа користени од Министерството, а беа наменети за некаква форма на мобилни канцеларии. Од Министерството укажаа дека се во добра состојба, појасни Филипче.
На прашање кога ќе биде готова физибилити студијата за Итната медицинска помош, рече дека за месец два треба да биде завршена.
– Добар дел од постоечките возила на Итната медицинска помош се стари и во зависност од резултатите од физибилити студијата, што ќе покаже таа во однос на развој на партнерствата, ќе пристапиме или кон набавка на нови или ќе ги развиваме постоечките модели, рече Филипче.
Тој потенцира дека функционираат според законот за јавни набавки и дека пропишале критериуми согласно некои стандарди за набавка на такви возила.
– Мислам дека доби фирмата „Рено”. Правиме се што можеме за да го зајакнеме системот како во однос на набавка на опрема и возила, така и во прием на доктори и медицински сестри. Минатата година голем број доктори и сестри и останат персонал беа примени во јавно здравствените институции, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Посочи дека после изборите се предвидува прием на 40 доктори во Здравствениот дом Скопје, а веќе од септември 250 млади доктори кои ќе добијат лиценца ќе добијат платена работа токму во овие служби на примарно ниво, за Итна помош, за вакцинација и за патронажни сервиси. Додаде дека очекува тоа да биде одлична стимулативна мерка, за тие прво да останат во државата, а понатаму да го добијат соодветното рабнотно место и специјализација.