Соња Караџиќ-Јовичевиќ, потпретседателка на Народното собрание на Република Српска и ќерка на Радован Караџиќ, изјави дека и 20 и 40 години затворска казна е доживотен затвор и дека пресудата за нејзиниот татко е резултат на политички притисок.
„Таквата пресуда очигледно е резултат на политички притисок и нема никаква врска со правото, правдата, фактите и доказите и тоа што во жалбената постапка го работеше адвокатскиот тим“, рекла таа за РТРС.
Како успех на одбраната на Караџиќ го навела тоа што не е пресуден геноцид во седум општини.
„Се надевам дека кога тогаш вистината ќе излезе на виделина и дека овие народи, кога ќе дојдат до вистината во БиХ, конечно ќе може да се помират и да живеат нормално. До тогаш мислам дека тоа ќе биде сè потешко и потешко“, рекла Караџиќ-Јовичевиќ.
Механизмот за меѓународни кривични судови (МИЦТ), наследник на Хашкиот трибунал, го осуди Караџиќ на доживотна затворка казна. Караџиќ во 2016 година првостепено беше осуден на 40 години затвор.