Американската компанија „Форд“ објави документ што ги покажува годишните заработувачки на челниците во компанијата за 2018 година. Петтемина најплатени директори на американскиот гигант лани заедно заработиле 51,7 милион долари.
Најмногу внимание привлекува платата на извршниот директор Џим Хекет, кој лани заработил 17,8 милиони долари. Тоа е речиси милион повеќе од 2017 година, а приближно 2 милиона долари повеќе од 2016 година.
Од заработувачката, 1,8 милион долари изнесува неговата фиксна плата, 12,7 милиони се дивиденди од акции, 2,5 милиона дел од компензација за планот за раст, а 617.000 од други компензации.
Хекет има 276 пати повисока плата од просечната на еден работник во „Форд“ во САД.
Што се однесува до другите директори, Бил Форд заработил 13,8 милиони долари, Боб Шенкс – 13,8, Џим Фарли – 5,9, а Џо Хајнрис 5,8 милиони долари.
Овие податоци сигурно најмногу ќе го привлечат вниманието кај обичните работници со оглед на тоа што „Форд“ неодамна најави отпуштање дури 5.000 вработени во европските погони во Германија и Велика Британија како дел од планот за реструктуирање на бизнис-целите на Стариот континент.