Портпаролката на Европска Унија, Маја Коцијанчич изјави дека ЕУ во целост ја почитува одлуката на Меѓународниот механизам за воени злосторства.
Таа по изрекувањето на пресудата за поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ ги повика лидерите од Западен Балкан да ги поддржат одлуките на меѓународниот трибунал и да не го доведуваат во прашање непристрасниот процес на одлучување.
– ЕУ во целост ги почитува одлуките на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија и на Меѓународниот механизам. Повторуваме дека е потребна целосна соработка со Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, како наследник на Трибуналот. ЕУ очекува од сите лидери во регионот да ги поддржат одлуките на меѓународните трибунали и да се воздржат од какви било изјави или акции кои ги доведуваат во сомнеж независноста или непристрасноста на процесот на одлучување, посочи Коцијанчич.
Таа додаде дека негирањето или ревизионизмот се во спротивност со најосновните европски вредности.
– Меѓународното кривично правосудство не само да придонесува за ставање крај на неказнивоста туку ги поттикнува довербата и помирувањето во БиХ и регионот. ЕУ, исто така, поддржува ефективно и ефикасно домашно процесуирање на воените злосторства, со цел да се дополни и следи работата на меѓународните трибунали, истакна Коцијанчич.
Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, наследник на Хашкиот трибунал, денеска, по три години жалбена постапка, ја изрече второстепената пресуда на поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, со која тој е осуден на казна доживотен затвор.
Судскиот совет на Хашкиот трибунал во март 2016 година го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница и злосторства извршени против човештвото во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.