Во Република Македонија загрозена е правната држава и владеењето на правото и земјата се соочува со широко распространета појава на корупција што е и нотирано во релевантни извештаи на меѓународните организации, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средбата со европратеникот и известувач во Европскиот Парламент за Република Македонија Едвард Кукан и со европратеничката Маријана Петир во Брисел, каде е придружуван од кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова.
„Политичкиот прогон и злоупотребата на апаратите на државата за пресметка со опозицијата станува основа на политичкото делување на власта. Од друга страна имаме назадување со почитувањето на човековите права и отсуство на волја да се работи на воспоставување на трајни механизми за борба против криминалот. Додека сето ова се случува, имаме целосно назадување на економскиот стандард на граѓаните и широко распространето иселување од земјата што е последицата на штетните политики на Владата“, изјави Мицкоски.
Од страна на Гордана Силјановска Давкова беше образложена нејзината заложба за владеење на правото и силна правна држава која ќе мора да ги гарантира човековите права и слободи.
„Претседателот на државата во таа смисла има важни овластувања кои треба да овозможат заштита на граѓаните и правна сигурност. Несомнено тоа е и важен предуслов за напредок кон европските интеграции што е и наша стратешка цел“, посочи Силјановска.
Соговорниците истакнаа дека мошне важен услов кој ќе покаже колку државата е сериозна во намерите кон исполнување на стратешките цели е и начинот на кој ќе помине изборниот период, каде суштински значајно е власта да обезбеди услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните. Беа посочени и примери кои покажуваат дека Власта го загрозува демократскиот предизборен амбиент.
Престојот на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со работа преку учество на политичкото собрание на Европската Народна Партија и остварување на повеќе билатерални средби.