Со раздолжувањето кон доверителите создадовме услови годинава општина Гевгелија да биде фискално стабилна и солвентна за да може да ги извршува сите свои функции и надлежности, порача градоначалникот Сашо Поцков кој денеска ги најави и приоритетните активности во оваа година од кои некои веќе се во фаза на реализација.
Поцков посочи дека заедно со менаџерите на германската КФВ банка привршуваат со дефинирање на проектите чија реализација ќе почне кон крајот на идниот месец со доделениот грант од 2,5 милиони евра.
-Засега е сигурно дека дел од средствата ќе бидат наменети за изградба на водоводна линија од новите бунари кај Мрзенци до Негорци и Прдејци што е посебно значајно бидејќи со овој зафат ќе создадеме предуслови и за комунално инфраструктурно уредување на ТИРЗ „Прдејци”, вели градоначалникот.
Покрај ова, посочи Поцков, приоритет е даден и на санацијата на водоводната линија до граничниот премин „Богородица” и истоименото населено место како и на инсталирање на примарната и секундарна мрежа за атмосферска канализација во јужниот дел од градот, поточно на потегот од поранешната касарна до железничката пруга.