Лидерот на Самостојната либерална партија (СЛС) и пратеник во косовското Собрание Слободан Петровиќ, кој беше нападнат физички од двајца членови на партијата Српска листа (СЛ), изјави дека денешниот инцидент е последица на жестока кампања на таа партија и на кругови од Белград против него и СЛС, јави дописникот на МИА од Приштина.
Причина за денешниот напад, рече Петровиќ на прес конференција во Собранието на Косово, е фактот што веќе 15 години води „партија која промовира мир, толеранција и соживот”.
Косовскиот политичар од северна Митровица информира дека минатата недела му пишал на српскиот претседател Александар Вучиќ, од кого исто така во минатото бил споменуван неколку пати, „со невистинити инсинуации” за неговата работа. Во писмото, рече Петровиќ, предупредува дека во такви околности минатата година е убиен косовскиот политичар Оливер Ивановиќ.
– Во отвореното писмо наведов дека се вршат отворени напади врз мене. Го имаме горчливото искуство, убиството на Ивановиќ, поради истите околности. Повеќе го замолив претседателот, пред да излезе со такви изјави, да ги верификува фактите. Тој се повикуваше на сопствени извори и во тој допис јас аргументирав дека тие наводи се неиздржани, рече Петровиќ.
По ова писмо, Вучиќ веќе не се огласил, рече лидерот на СЛС, но вели дека продолжиле нападите на Српската листа, „предводени од директорот на српската Канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ”.
– Побарав да не го прават тоа, затоа што ми го загрозуваат семејството, рече Петровиќ, нагласувајќи дека сите напади врз него од Приштина и од Белград се засновани на невистини.
Петровиќ денеска беше физички нападнат од двајца членови на СЛ во угостителски објект во близина на косовското Собрание, каде за во 12 часот имаше закажано прес-конференција, на која најави дека ќе одговори на обвинувањата што кон него ги упати таа партија.
Полицијата го потврди инцидентот и соопшти дека се приведени две лица кои се сомничат за физички напад врз трето лице.
Телевизијата КТВ јави дека со Петровиќ физички се пресметале членовите на СЛ, Милан Костиќ и Ненад Миличевиќ.
Откако бил пријавен инцидентот, Костиќ и Миличевиќ биле приведени во полиција, каде што изјавиле дека тие биле нападнати од Петровиќ.
Најголемата партија на косовските Срби, СЛ, пред некој ден објави соопштение во кое го обвини Петровиќ дека е предавник на интересите на Србија, поради тоа што во Собранието гласал за косовската Платформа за дијалогот меѓу Приштина и Белград во Брисел.