Кардиоваскуларните заболувања се убиецот број еден во Македонија, но и во светот. Статистиката вели дека најризични се пациентите меѓу 35-40 година од животот. Доктор Владимир Ристовски спец. по Интерна медицина и докторант по клиничка медицина, за 24 инфо вели дека нискиот социо-економски статус, стресот, стилот и начинот на живеење и пушењето се едни од причините за зголемен број на кардиоваскуларни заболувања во нашата држава. Според идниот кардиолог најдобра превенција е редовна контрола и здравиот начин на живот…
Се почесто се вградуваат стентови кај млади луѓе. Кој е најмладиот пациент кај кој вие сте вградиле стент, а кој е најстариот?
Нормално со текот на времето старосната граница за кардиоваскуларни заболувања се намалува, Се поголем е бројот на млади лица кои што имаат срцеви заболувања. Најмладиот пациент на кој имам ставено стент е 26 години, најстариот 88 год.Просечно возраста на пациенти кои добиваат стент е од 45-60 години.
Статистиката вели дека почести пациенти на вашиот оддел се мажи. Ако ги прашате мажите ќе ви кажат на шега дека тоа е поради тоа што жените „немаат“ срце. Но што вели медицината?
Точно е дека жените во текот на репродуктивниот период се позаштитени од кардиоваскулрани болести за разлика од мажите. Тое пред се се должи на естрогените хормони за време на репродуктивниот период кај жените. Студиите покажуваат дека младите жени со ендоген дефицит на естроген .имаат седумкрататно поголем ризик од појавата на коронарна артериска болест. Естрогените хормони имаат регулациски ефект врз неколку метаболни фактори како што се липидите, воспалителните маркери и коагулациониот систем, а предизвикауваат директен вазодилататорки ефект преку Алфа и Бета рецепторите на ѕидот на крвниот сад.
Во последните години и тоа се менува со оглед на тоа дека жените порано влегуваат во менопаузата како резултат на соврменеиот начин на живот и активно учество во него и нормално стресот што произлегува од него.
Колку влијае совремеиот начин на живот на срцевите заболувања?
Многу , за жал. Брзото темпо на живеење, стресот, неквалитетната и брза исхрана (Fast Food) , недоволната физичка активност, гојазноста и нормално цигарите се главни предиспонирачки фактори за појата на срцевите заболувања. Стресот според последните препораки има исто значење како и цигарите во појавата на кардиоваскуларни заболувања
Колку е битна физичката активност за здраво срце?
30 минутно пешачење дневно или 150 -170 минути неделно според препораките се доволни за намалување на кардиоваскуларниот ризик и појавата на срцеви заболувања. Се разбира уште подоборо е ако се надминат и овие минути за физичка активност . Намалена физичка активност присонесува и за зголемување на телесната тежина а со тоа и ризик за појава на дијабет и други кардиоваскулрани болести.
Колку стентови вградувате во просек годишно и расте ли нивниот број?
Просечно годишно вградуваме околу 600-700 стентови. Бројот од година во година се зголемува пред се поради тоа што е се поголем бројот на пациенти кој ни ја укажуваат својата доверба.
Работите во една од најтешките области во медицината. Колку млади ваши колеги се заинтересирани за неа?
Има заинтеренираност и од помлaдите колеги. Но нивниот број се повеќе се намалува поради нивната одлука да заминат во друга земја која нуди подобри перспективи.
Се повеќе ваши колеги ја напуштаат државата. Има ли перспектива за младите лекарите во нашата држава?
Се поголем e броjoт на млади, но и повозрасни колеги кои ја напуштаат државата. Тоа е пред се поради подобрите услови за работа што ги нудат другите земји, повисока плата, подоинствено работење, подобар живот за семејствата и нормално поради на лошите здраствени политики во нашата земја. Игнорирањето на барањата на лекарите, непочитувањето на нивниот труд, нивното невреднување во општеството, лошиот економски статус и нормално партизираното здраство се една од причините за напуштање на државата ,а воедно и губење на квалитетни кадри. Перпсективата на младите лекари особено во малите градови е речиси никаква, со што се гледа и недостигот на медицински кадар особено во Источниот регион, а тоа ке биде и на ниво на целата територија во наредните десетина години.
Каде во иднина, останували Македонија вашата определба?
Би сакал Македонија и во иднина да биде моја определба, да работам и да се грижам за пациентите во нашата држава, но за жал со вакви здраствени минималистички политики, популизам, непрофесионалност, деградација на медицинскиот кадар и невреднување на трудот лекарски, тешко дека не само јас туку и другите помалди колеги ќе останат да работат во нашата држава.
Кој е Ристовски приватно?
Ристовски приватно родител, брачен партнер, љубител на животни, маж кој минува време во средување на дворот, скромна личност која ужива во добро друштво, неуморен читач на книги и човек кој ужива во малите задоволства на животот.
Валентина Ангеловска
Фото: Слободан Ѓуриќ