Во интервју за МИА по средбите во Брисел, премиерот Зоран Заев вели дека се прави сѐ претстојниот изборен процес да биде беспрекорен.
Сигналите од Франција засега сѐ уште се негативни во однос на отворањето преговорите со ЕУ. Имате ли некаква стратегија да спречите нова блокада и да се справите со неа?
– Стратегијата што ја имаме е многу јасна и очигледна, а тоа е да не оставиме ниту минимум аргументи на било која земја, вклучително и земјата која ја споменувате, која што, не поради нас, туку поради внатрешните дебати, е резервирана за проширувањето на ЕУ. Ние мислиме прво дека ќе успееме со сите реформи до самиот крај, резултатите и имплементацијата веќе се видливи во државата. Важно е да бидат кристално чисти претседателските избори, тоа е прв приоритет за мојата влада, за мојата политичка партија, верувам за сите во нашата земја. Така што, без аргументи, после вакви сериозни политички одлуки што се донесоа, за конечно после 14 години да отвориме поглавја, да почнеме преговори со ЕУ, подготвени дури и името на државата да го смениме, верувам дека ниту една земја не може да остане рамнодушна без да донесе позитивна одлука.
Еден од аргументите кои би можеле да го искористат противниците на отворањето преговори е проблемот со СЈО, до каде сте и дали сте подготвени да попуштите пред некои од барањата на опозицијата?
– Јас сум флексибилен човек кој знае дека двете страни треба да имаат разбирање една за друга, но тоа да не биде на штета на државата, на институциите на системот. Подготвен сум да разговарам со опозицијата за секое аргументирано прашање. Драго ми е што почнаа разговорите, знам дека до крајот на оваа недела веќе ќе има конкретни писмени материјали околу некои предлози, верувам дека е можно навремено да го донесеме Законот за јавно обвинителство, каде е инкорпорирано СЈО како создаден капацитет. Уште еднаш напоменувам, тоа јавно обвинителство веќе, како што е поставено и во новиот закон, ќе ја гони власта, сегашната власт. Тоа јавно обвинителство е капацитет кон кој ќе тежнеат и другите обвинителства, и материјален и финансиски и со опрема. Да дадеме шанса на еден ваков закон, и сите сме тука во државата со доверба кон институциите, да продолжиме да ги градиме реформите.
Подготвени сте да ја смените Катица Јанева?
– Апсолутно не. Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Јас сум убеден дека не смееме да испраќаме лоши пораки до оние кои опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во уставот и законите, во тешко време. Треба да ги поддржиме нивните капацитети. Јас ги слушам и критиките од опозицијата, и не дека немам разбирање за нив, но предностите на вака создадена институција, со овие луѓе е навистина голема предност за Северна Македонија.
И Хан и Могерини денеска предупредија дека претседателските избори мора да бидат кристално чисти за да има преговори, се споменува дека постои ризик за бојкот од страна на опозицијата во вториот круг, како ќе гарантирате дека овој процес ќе помине без никаков проблем?
Транспарентноста е наша сериозна алатка во последните 21 месец, тоа е голема предност на оваа влада, преку транспарентноста се гарантираат сите процеси, вклучително и овој. Со шефот на опозицијата, господинот Мицкоски, имавме квалитетен разговор на таа тема и верувам дека сите прашања, за кои што тие имаат размислувања ги затворивме и оставивме отворена врата меѓу шефовите на штабовите на двата кандидати да бидат во постојана комуникација, тоа се исто двајца наши генерални секретари. Сите со будно око еден друг да се штитат, затоа што преку тоа ќе си ја заштитиме државата. Тој верува дека ќе победи на овие избори, јас верувам дека ќе победам на овие избори. Двајцата имаме силна мотивација прво да ги обезбедиме тие наши проектирани победи да бидат кристално чисти. На крајот, ако не за друга, заради државата. Јас верувам дека како демократи луѓе, пред сѐ како прво одговорен носител во извршната власт ќе ги обезбедам сите неопходни услови опозицијата да се чувствува комфорно, да има фер натпревар, тоа е суштината на обезбедување фер и демократски услови за избори.
Во ред за првиот круг, но, што ако бидете повторно обвинети дека имало по едно гласање во секунда, итн, и поради тоа опозицијата се одлучи за бојкот во вториот?
– Не верувам дека тоа ќе се случи од проста причина што верувам дека нема да има ниту еден аргумент на светот некој тоа да го каже. Зарем сето тоа што го направивме ќе го урнисаме со било какво воведување во прашање на регуларноста на изборите? Нема поважна светост за нас: тоа е отворањето на преговорите со ЕУ. Двете наши стратешки цели: НАТО и ЕУ се нешто зад што стоиме сите. Ако навистина стоиме треба и да одработиме. Политички наши калкулации мора да бидат второстепени, државата е пред сѐ и над сѐ и мора да одработиме од крај за нашата земја.
Ако не добиеме преговори во јуни, колкав е ризикот Македонија да се врати назад во однос на демократските и европските процеси?
– Дури не сакам ни да размислувам за тоа. Но едно знам, ризик нема. Македонија е стабилна, сигурна, Македонија е идна членка на НАТО, Македонија е добар пример, не само за регионот, туку и за ЕУ и верувам дека би било неспособност од наша страна ако дозволиме државата да ни се врати повторно на минатото. Ние имаме квантен скок, треба да го искористиме и да продолжиме во тој правец, без разлика кој ќе биде на чело на владата, кој ќе има мнозинство во парламентот, затоа што тоа е нашата земја, друга земја, друг народ, немаме и верувам дека сите ќе одработиме, сите со своите одговорности, но истовремено тие одговорности се уште пообезбедени ако водиме грижа еден за друг, за иднината на државата.
Имате ли коментар за узбуната што се крена околу користењето или не на зборот „македонски јазик” кај населението во Северна Грција? Имаше многу бурни реакции, кое е вашето објаснување?
– Договорот е јасен. И ако го следиме духот на пријателството многу лесно ќе се објаснуваме. Прво факт е дека нашиот јазик е македонскиот јазик, тоа е прифатено во договорот. Истовремено е факт дека е од групата словенски јазици. Научен, потврден факт. Исто така е јазик на сите граѓани кои живеат во Северна Македонија и во дијаспората. Но тоа е различно од хеленското културно наследство, со нивните традиции. Тоа е разграничено. И во духот на добрососедството, и градењето на пријателството, треба да имаме разбирање за вакви прашања. Токму тоа и министерот Димитров го објаснува, и на крајот реков – идентитетските прашања се лични, нешто што го носиме во градите, тоа никој не може да го смени.
Проблем ли е да се каже дека се зборува македонски таму?
– Тоа е право на Грција, тоа треба тие да го коментираат. Со наше невнимание би можеле да предизвикаме незгодни ситуации поради тоа што имаме јасен и прецизен договор, што ние политичарите треба да веруваме во него и внимателно да го имплементираме, а после тоа и граѓаните на двете земји, така што оставам тоа Грција да си го коментира, тие си имаат свој начин на поставување на работите, ние ги почитуваме, тие се наш стратешки партнер.
Има ли македонско сценарио во Србија, како што обвини Вучиќ?
– Апсолутно не. Србија е наш голем пријател, народите ни се блиски, ние и посакуваме само добро на Србија, да оди напред, во моментов даваме поддршка за позитивно решение, како тие ќе се договорат, решение што гарантира напредок на регионот, интеграција во ЕУ, чување на мирот. Знам, преговарав пред неколку месеци, знам колку е тешко. Апсолутно се обидуваме да го сфатиме тоа и го поддржуваме процесот. Се надеваме дека ќе се вратат на дијалогот. Тоа е нашето очекување и се надевам дека дијалог ќе има и внатрешен во сите соседни земји. Еве ние имаме во Северна Македонија. Но, истовремено како човек кој што беше директно нападнат од насилници во институциите можам јасно да го осудам секое насилство врз институциите на системот од било кој карактер, ова го кажувам за да го потврдам нашето пријателство кон Србија.