Апел итно да се донесе законот за социјална заштита упатија денеска невладините организации кои работат во различни сфери кои ја засегаат оваа област, а кои присуствуваа на јавната расправа за Предлог-законот за социјална заштита на седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика. Социјалната заштита е надпартиска, надетничка, пратениците да ги остават настрана разликите и да мислат на граѓаните, порачаа тие.
Со политички препукувања меѓу власта и опозицијата, забелешки дека има обиди за опструирање да се донесе законот, кој во собраниска процедура беше ставен кон крајот на минатата година и требаше да биде ефективен од 1 јануари оваа година, но и негодување од страна на невладините организации дека пратениците наместо да се фокусираат на нивните битки во социјалната сфера ги користат за политички пресметки ја одбележаа денешната јавна расправа за предлог-законот.
За збор се имаа пријавено околу 30 говорници од невладиниот сектор, меѓутоа дел од нив поради партиските препукувања меѓу пратениците демонстративно ја напуштија салата.
-Сите пратеници од овој наш Парламент да ги тргнат своите партиски оклопи и да покажат дека се грижат за граѓаните пред тесно партиските интереси од кои веројатно се водат, им порача министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на пратениците кои беа присутни на јавната расправа.
Напомена дека политиките во минатото имале цел да ја зголемат нееднаквоста, да акумулираат повеќе финансиски средства за кон побогатите, наспроти посиромашните и затоа, како што рече денес имаме бројка од 400 илјади граѓани, кои живеат во сиромаштија.
Нагласи дека законот е транспарентен. Повеќе од 40 дена бил на ЕНЕР, во него биле вклучени забелешките од сите релевантни страни.
Реформата како, што појасни Царовска има две линии, зголемување на финансиите за социјалната помош и децентрализација на социјалните услуги со нивно распределување меѓу централната, локалната власт и невладиниот сектор.
-Имаме драстично покачување на финансиските трансфери кон граѓаните и тоа за 300 отсто, вклучително и детски додатоци како универзално правило за сите сиромашни и оние со ниски приходи, кои имаат минимална плата, а денеска знаете ли кој има право на детски додаток – не повеќе од 3.000 деца кои имаат семејства во кои има вработен со приход од десет илјади денари. Најсиромашните и примателите на социјална помош немаат пристап, рече Царовска.
Таа напомена дека во моментов нашиот систем за социјална заштита не е плурален, не дал можност за вклучување на граѓанските организации, бизнис секторот и сите други засегнати страни.
-Законот сега дава можност за развој на социјалната заштита. Сите невладини, компании, физички лица може да основаат услуги, кои треба да се акредитираат и лиценцираат и понатаму државата и локалните самоуправи да го овозможи овој процес да давање услуги, рече Царовска.
Со тоа што, како што кажа, законот не почна од 1 јануари од непознати причини повеќе од 30 илјади домаќинства не ја добиваат достоинствената социјална помош, повеќе од 60 илјади деца не ги земаат детскиот или образовниот додаток, илјада вработени во центрите за социјална работа не ги добиваат своите достоинствени плати.
На крајот од своето излагање министерката им порача на пратениците сите заедно да кажат „да” за социјална правда во Македонија.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорче, кој е претседател на надлежната Комисија по говорот на министерката и порача дека таа не е министер во Шведска, туку во Македонија.
–Доколку навистина сакате ова Собрание да биде попристапно за лицата со попречениот би ве замолил преку Фондот за иновации од тие 300 илјади евра што ги давате на своите пријател,и да овозможите адаптација на оваа сала, рече Ѓорчев.
Ива Михајловска од ХЕРА со пофалби за законското решение, но нагласи дека не сака да верува оти неговото прифаќање е на милост и немилост на пратениците. Законот го оцени како хуман пристап кон социјалната заштита.
-Не сакам да верувам дека законот треба да биде на милост на пратениците за да го усвојат, ако ние тука сме дојдени за да бараме милостина, ние граѓаните кои ги гласавме сите пратеници во парламентарното мнозинство подобро да си земеме еден билет сите и да си одиме, затоа што овие реформи кои се случуваат конечно ги будат граѓаните, ја будат локалната самоуправа и граѓанските организации, конечно да се активираме сите, рече таа и законот го оцени како надетнички и надпартиски.
Сашко Јованов од МППС истакна дека мошне важна реформа во законското решение е гарантираниот минимален приход, нешто што, како што рече, Европската комисија се залага да се донесе во сите европски земји.
– Гарантираниот минимален приход нема да дозволи најсиромашните и социјално исклучените граѓани повторно да потпаднат во сиромаштија. Сведоци сме на многу семејства кои се приматели на социјална помош дека немаат финансии нивните деца да бидат рамо до рамо со другите деца во основите училишта. Мерките кои доаѓаат со минималниот приход, детскиот и образовниот додаток ќе овозможат нормални и достоинствени услови за сиромашните за да се чувствуваат сигурни, рече Јованов.
Бранкица Димитровска од Хендикеп плус упати критики до министерката Царовска за неприфаќање на голем дел од забелешките кои се однесувале на лицата со попреченост.
–Дали мислите дека сите институции се пристапни за нас, агенциите за вработување, бирото, Центарот за социјални работи во Крива Паланка не е пристапен, рече Димитровска.
Забележа и дека со законот се врши диксриминација на лицата со попреченост, со одредбата со која се бара основот по кој настанал хендикепот.
-Воените инвалиди земаат повеќе и со тоа се прави директна дискриминација, се повикувате на законот за дискриминација, а токму законодавецот дискриминира по основ на хендикеп, рече Димитровска и додаде дека воените инвалиди земале 30 илјади, а по други основи помошта е околу седум илјади.