Жителите на Нов Зеланд неодамна ги пречекаа со широко раширени раце во текот на нивната прва турнеја во странство, па се очекуваше дека принцот Хари и Меган Маркл ќе се појават во нивната амбасада во Лондон во чест на жртвите на ужасното злосторство што го потресе новозеландскиот град Крајстчерч во петокот.
Откако ги поздравија главните претставници со традиционален маорски поздрав во кој се допираат со носовите, Хари положи цвеќе, а потоа се запишаа во книгата на жалост, во која Меган напиша: „Најдлабоко сочувство. Нашите мисли се со вас.”
За оваа пригода Меган избра и специјален накит – златните обетки што ѝ ги подари премиерката на Нов Зеланд, Жакинда Ардерн.
Хари и Меган беа замолени да го претставуваат кралското семејство и да ја посетат амбасадата, бидејќи тие последни го посетија Нов Зеланд.