Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека одлуката од вчерашната владина седница за реафирмирање на работата на Советот за земјоделство и рурален развој, односно Агросоветот, што со години беше целосно запоставен, има за цел да се креираат квалитетни земјоделски политики во интерес на земјоделството.
– Работата на Советот за земјоделство и рурален развој на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство му овозможува да креира интегрирана политика за земјоделство и рурален развој, како и поширока дебата за прашањата и проблемите од областа на земјоделството и руралниот развој. Улогата на Советот за земјоделство и рурален развој е да врши работи на консултативен механизам за политики, да прави планови и програми за развој на земјоделството и руралниот развој, но и да дава мислење по однос на постигнати резултати од спроведувањето на мерките и инструментите за развој, соопшти МЗШВ.
Агросоветот, како што се наведува, треба да одржува континуиранаа комуникација меѓу МЗШВ и социјалните и економските партнери кои се вклучени во спроведување на мерките и инструментите за развој на земјоделството и руралниот развој поради постигнување консензус по одделни прашања од областа на земјоделството и руралниот развој, а особено од областа на уредување на земјоделските пазари.
Советот за земјоделство и рурален развој или Агросоветот беше формиран од Владата во 2012 година. Владата на вчерашната седница донесе одлука за реафирмирање на неговата работа.
Агросоветот ќе го води министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, а во него членуваат по еден претставник од трите најголеми национални здруженија на земјоделски производители по број на членови, по еден претставник од двете најголеми здруженија на преработувачи, по еден претставник од стопанските комори, по еден претставник од високообразовните и научните институции од областа на земјоделството, еден претставник од здружение на потрошувачи, еден претставник од здружение на единици на локалната самоуправа и еден претставник од здруженија за заштита на животната средина и еден претставник од здружението основано за унапредување на руралниот туризам.