Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со делегација од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со кандидатот за претседател Гордана Силјановска-Давкова, денеска оствари повеќе средби со европратениците во Брисел.
Мицкоски на средбата со соговорниците ја истакна лошата состојба во која се наоѓаат Република Македонија и граѓаните поради, како што рече, лошите политики што ги спроведува владата на СДС.
„Разговаравме за актуелната политичка ситуација во Република Македонија, за политичкиот прогон, за лошата економска ситуација, разговаравме за отсуството на реформи, трговијата со правото и правдината, притисокот што го прави Владата на СДСМ во Република Македонија, така што, практично, разговаравме за сите оние негативни случувања на кои сега македонската јавност е сведок пред претседателските избори и побаравме, се разбира, од нашите соговорници да интервенираат кај македонските властодршци“, рече Мицкоски, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека е многу значајно Република Македонија, конечно, да добие датум за почнување на преговори со Европската Унија.
Мицкоски ќе има состанок и со Манфред Вебер, кој е кандидат за претседател од ЕПП за претстојните избори за претседател на Европската комисија.