Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, наследник на Хашкиот трибунал, денеска, по три години жалбена постапка, ја потврди затворската казна од 40 години на поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ.
Судскиот совет на Хашкиот трибунал во март 2016 година го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница и злосторства извршени против човештвото во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.
Жалбениот совет делумно прифати само една од жалбите на Караџиќ на пресудата, а ги одби сите останати, меѓу кои и за неговата одговорност за „масакрот во Сараево”, „тероризирање на Сараевчани”, за злосторства во 20 босански населени места, како за „неправично судење”.
Караџиќ беше уапсен во Белград на 21 јули 2008 година, а девет дена подоцна беше екстрадиран во Хаг. Тој долги години се криеше во Србија под лажен идентитет Драган Дабиќ, доктор по алтернативна медицина.
Неговото судење започна во октомври 2009 година и заврши со првостепена пресуда во март 2016 година.