Речиси шест од десет научници од Грција (58 отсто), што живеат и работат во странство, сакаат да се вратат назад во земјата, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од грчкиот Национален центар за документација, пренесуваат грчките медиуми.
Како причина за овој нивни став, 70 проценти од испитаниците го споменале квалитетот на животот во Грција, а 42 отсто рекле дека тоа е желбата да бидат блиску до нивните семејства.
Предусловите што би им го олесниле враќањето во Грција, според испитаниците, се поврзани со зголемување на приходите (44 отсто) и со вработување во Грција во нивната област за која се специјализирани.
Истражувањето спроведено од центарот е во рамки на иницијативата „Мостови на знаење и соработка” чија цел е поврзување на грчки научници од целиот свет, јави дописничката на МИА од Атина.
Според објавените прелиминарни резултати во однос на намерите на испитаниците да се поврзат со Грција, 86 проценти истакнале дека се заинтересирани за активности што се однесуваат на пренесување знаење, пракса, технологија во Грција, а 84 отсто се заинтересирани за соработка со грчките Универзитети и истражувачки центри.