Украинците што овој месец ќе гласаат на претседателските избори ќе мора многу да внимаваат бидејќи двајца кандидати со истите иницијали и презиме, Ј.В. Тимошенко, ќе се најдат еден до друг на гласачкото ливче.
Еден од претседателските кандидати е Јулија Тимошенко, поранешна премиерка и една од фаворитите за победа. Другиот е Јуриј Тимошенко, релативно непознат пратеник кој инсистира дека тој е вистински кандидат и дека таа е лажен или „технички“ кандидат, испратена да му ги расипе шансите за победа.
Јулија Тимошенко, пак, го обвини својот противкандидат, актуелниот претседател Петро Порошенко, дека го додал Јуриј Тимошенко на гласачкото ливче со цел таа да изгуби гласови.
Од 39-те имиња на гласачкото ливче, претседателската трка се сведе на три кандидати, Јулија Тимошенко, Порошенко и Володимир Зеленски, комичар кој глуми претседател во една популарна ТВ-серија.
Секоја мала промена во гласовите предизвикана од каква било конфузија меѓу кандидатите во првиот круг на 31 март може да направи голема разлика во однос на тоа кој од првите тројца кандидати ќе продолжи во, најверојатно, решавачкото гласање во вториот круг на 21 април.
Имињата на кандидатите се напишани во целост на гласачките ливчиња, но нема партиски симболи или фотографии што би можеле да им помогнат на гласачите да ги разликуваат кандидатите.