Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на признавање на суверенитетот на Израел над Голанска Висорамнина ја оцени како „несреќна”.
На изјавата на Трамп реагираше и Европска унија истакнувајќи оти нема да го смени својот став во однос на Голанска Висорамнина.
– Ставот на ЕУ не е сменет. ЕУ во согласност со меѓународното право, не го признава израелскиот суверенитет над териториите што Израел ги држи под окупација од јуни 1967 година, вклучително и Голанската Висорамнина, која не ја смета за израелска територија, изјави портпаролот на Делегацијата на ЕУ во Израел.
Во исто време и генералниот секретар на Арапска лига, Ахмед Абул Гејт го критикуваше американскиот став истакнувајќи дека излегува вон меѓународниот легитимитет и оти „ниту една земја, без оглед на тоа колку е важна не може да донесе таква одлука”.
Додека палестинскиот претставник Саеб Ерекат посочи дека признавањето на анексијата на Голанска Висорамнина ќе донесе „нестабилност и крвопролевање во регионот”.
И портпаролката на германската Влада реагираше на изјавата на Трамп наведувајќи дека Голанска Висорамнина е сириска територија окупирана од Израел.
– Доколку би требало да се менуваат националните граници тоа ќе мора да се направи на мирен начин помеѓу сите страни. Владата ги отфрла едностраните чекори, истакна таа.
Претходно и Сирија, Иран и Русија реагира на изјавата на Трамп за Голанска Висорамнина.
Сириската Влада ја осуди изјавата на Трамп, потенцирајќи оти е одлучна со „сите средства” повторно да ја врати контролата над Голанска Висорамнина.
– Изјавата на Трамп покажува слепа пристрасност на САД кон Израел, но реалноста е дека Голанска Висорамнина е и ќе остане сириска и арапска. Сириската нација е уште поодлучна да го ослободи оваа вредно парче сириска територија користејќи ги сите средства, се наведува во соопштението од сириската Влада.
Во меѓувреме, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи посочи дека изјавата на Трамп за признавање на суверенитетот на Израел над Голанска Висорамнина е неприфатлива.
– Оваа нелегално и неприфатливо признавање не го менува фактот дека Голан и припаѓа на Сирија, изјави тој.
Изјавата на Трамп ја коментираше и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– За сега тоа е само апел. Се надеваме дека ќе остане на тоа, изјави Песков.
Тој додаде дека изјави слични на повикот на Трамп се ризик за сериозно дестабилизирање на Блиски Исток и се спротивни на напорите за изнаоѓање на мирно решение за судирите во регионот.
Првата реакција на изјавата на Трамп беше на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој му се заблагодари на американскиот претседател за таквиот став.
– Во време кога Иран се обидува да ја користи Сирија како платформа за уништување на Израел, претседателот Трамп храбро го призна израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина. Ви благодариме претседателе Трамп, објави Нетанјаху на социјалните мрежи.
Трамп вчера на Твитер објави дека е време да се признае суверенитетот на Израел над Голанска Висорамнина.
– По 52 години време е САД во целост да го признаат израелскиот суверенитет над Голанска Висорамнина, што е од клучно стратешко и безбедносни значење за државата Израел и регионалната стабилност!, напиша Трамп на Твитер.
Израел ја освои Голанска Висорамнина од Сирија за време на шестдневната војна во 1967 година, а во 1981 година ја анектира областа. Во резолуцијата 497 на Советот на безбедност на Обединети нации, донесена по анексијата, Израел се означува како „окупаторска сила”, а обидите на Тел Авив „да ги наметне своите закони, јурисдикција и администрација на окупираната сириска Голанска Висорамнина е безначаен и без меѓународен правен ефект”.
Шестдневната војна позната и како Арапско-израелска војна се водеше помеѓу Израел од една страна и Египет, Јордан и Сирија од страна. На крајот од војната Израел под своја контрола ги стави Појасот Газа, Синајскиот Полуостров, Западен Брег и Голанска Висорамнина.
Силите на ОН го надгледуваат подрачјето долж линијата за прекин на огнот од 1974 година