Израелските сили убија двајца и ранија 55 Палестинци за време на денешните протести долж границата меѓу Појасот Газа и Израел, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Во соопштението се посочува дека двајцата Палестинци, на возраст од 29 и 18 години, биле убиени на две различни локации, кога израелските сили отвориле оган врз демонстрантите.
Израелската Армија, од своја страна, информира дека нејзините припадници „се соочиле со околу 9.500 демонстранти, од кои некои фрлале камења и запалени гуми кон нив”.
Во армиското соопштение се посочува дека израелските војници на овие напади одговориле со „средства за разбивање немири” и отвориле оган во согласност со стандардните оперативни процедури.
Според палестински извори, од почетокот на протестите на границата меѓу Појасот Газа и Израел на 30 март минатата година, па досега, биле убиени околу 200 лица. Покрај нив, во други инциденти во посочениот период животите ги загубиле уште 60 Палестинци.