На денешниот регионален турнир во кошарка во организација на Федерацијата на училишни спортови на Северна Македонија кој се одржа во спортската сала “26-ти април” во Гевгелија екипата на Основно општинско училиште „Јоаким Крчовски” од Крива Паланка беше најуспешна во женска конкуренција.
Турнирот се одржа во конкуренција на екипите од основни училишта од регионот кои претходно победиле на зонските натпреварувања: ООУ “Владо Кантарџиев”, Гевгелија, ООУ “Ванчо Прке”, Делчево, ООУ ” Крсте Петков Мисирков”, Радовиш и ООУ”Јоаким Крчовски”, Крива Паланка.
-Станува збор за првиот турнир од регионалната лига во кошарка за основни училишта во женска конкуренција, регион исток, во која нашите кошаркарки апсолутно доминираа во досегашниот тек на натпреварите. Резултатот беше плод на компактниот состав на тимот, кој е составен од девојчиња што се во повеќегодишен тренажен процес во кошаркарскиот клуб КК Крива Паланка каде дел од нив покрај во младинските категории до 14 и 16 години, настапуваат и во првата женска кошаркарска лига при Македонската кошаркарска федерација. Искуството собрано во лигите им донесе, засега, добар резултат, кој ќе работиме да го одржиме до државниот натпревар, изјави Мирослав Ивановски, наставник по физичко образование во ООУ Јоаким Крчовски и тренер на екипата.
Кривопаланечките кошаркарки денес беа успешни во двата одиграни натпревари против врсничките од Делчево и Гевгелија.