Русија и Сирија ги поканија САД, Јордан и ОН да направат заедничка посета на кампот за бегалци „Рукбан“ за да ја проценат ситуацијата таму, изјавишефот на рускиот Центар за управување со националната одбрана, генерал-полковник Михаил Мизинцев, пренесува ТАСС.
Според него, Русија и Сирија на 26 март ќе одржат состанок за да усвојат мерки за укинување на кампот. САД, Јордан и претставници на ОН се поканети на состанокот.
Мизинцев рече дека работната група составена од сириски, руски, американски, јордански и претставници на ОН би можела да го посети кампот „Рукбан“ во врска со ова. Рускиот генерал посочи дека ако е невозможно да се стигне до кампот преку зоната Ал-Танф контролирана од САД, Москва и Дамаск ќе побараат од Јордан да обезбеди премин.
„Ние сме подготвени да го направиме тоа за доброто на долгогодишните жители на Рукбан”, истакна тој.
Мизинцев истакна дека сириските безбедносни сили во соработка со единиците на руската воена полиција ќе се погрижат за безбедноста за време на состанокот на 26 март и планираното патување низ областите под контрола на Дамаск.
„Ја повикуваме американската команда да обезбеди сигурност во зоната на Ал-Танф во должина од 55 км”, додаде тој.
Покрај тоа, рускиот генерал предложи да се преземат заеднички чекори за да се осигура безбедноста на работната група во зоната Ал-Танф со користење беспилотни летала на руските воздухопловни сили и на американските воздухопловни сили.
Бегалскиот камп „Рукбан“ се наоѓа во безбедносната зона Ал-Танф каде што е стационирана американска воена база. Влезот во зоната е под контрола на опозициските милитанти.
Според СЗО, кампот во моментов е домаќин на околу 40.000 бегалци, главно жени и деца. На 5 март, руското Министерство за одбрана соопшти дека во близина на логорот биле пронајдени гробишта со 300 свежи гробници. Според министерството, гробиштата може да се видат на сателитски фотографии.