Северна Кореја се повлече од меѓукорејската канцеларија за врски отворена минатата година со цел да се поттикне дијалогот и соработката меѓу двете Кореи, објави Би-би-си.
Јужнокорејското министерство за обединување соопшти дека било контактирано во петок наутро при што било известено дека персоналот на Северна Кореја ќе си замине во текот на денешниот ден.
Сеул изрази жалење поради оваа одлука и ги повика работниците од Северна Кореја што побрзо да се вратат.
Официјалните претставници на двете Кореи не се имаат состанато откако пропадна втората средба меѓу САД и Северна Кораја, односно на нивните лидери, претседателот Доналд Трамп и Ким Џонг-ун.
Канцеларијата за врски, која се наоѓа на севернокорејската страна од милитаризираната граница, овозможи официјални претставници на двете Кореи редовно да комуницираат за првпат по Корејската војна.