ВМРО-ДПМНЕ до Министерството за правда испрати издржани забелешки за недостатоци на предлог текстот за законот за јавно обвинителство, преточени во трите принципи кои ги содржат документите за кои што сметаме дека мора да бидат дел од овој нов закон, изјави денеска портпаролот на опзициската партија, Наум Стоилковски.
Како што истакна тој, новиот закон мора да биде донесен со консензус, да биде реформски и да претставува основа за градење на правна држава.
„Заев и Дескоска не смее да бегаат од фактот дека ЈО треба да е во функција да ги заштитува граѓаните и да го чува правниот поредок во државата, а не да биде послушник на извршната власт. Владата не смее да замижува и да игнорира аргументирани предлози кои што ќе овозможат борба со коруптивните и криминогените дејствија на власта. Владата не смее да бега од фактот дека треба да има одговорност и почитување на човековите права, а не јавните обвинители да штитат министри и премиери и да спроведуваат чистки по политичка нарачка на власта“, рече партискиот портпарол.
Стоилковски кажа и дека Владата не смее да бега од имплементирање на 11 меѓународни акти од ОН, од препораки од европскиот совет на министри, од препораки од Венецијанската комисија.
„Владата не смее да бега од барањата за политичка независност на обвинителството, ниту од избор на Јавниот обвинител по предлог на опозицијата, барање кое што до вчера беше и барање на СДСМ. Тоа е решение кое ќе ја ефектуира независноста и неутралноста на Јавното Обвинителство од извршната власт. Власта не смее да бега и од Анкетна комисија која ќе ги испита сите афери во рамките на СЈО и начинот на кој што актуелниот состав истроши десетици милиони евра. Мора да се расчисти начинот на кој што се вработуваа роднини на функционери на СДСМ во СЈО, начинот на кој што се ангажирани вештаци без лиценци или пак се исплаќале лица кои требале да го подобруваат имиџот на институцијата“, посочи тој.
На крајот Стоилковски нагласи дека власта не смее да бега од истраги со кои што ќе се решат безбројните афери за криминалните приватизации, за оставањето на улица на над 300.000 работници, за стекнувањето богатства на низа транзициски политичари кои, како што кажа, и сега се збиени во власта.