Без најави за поместување на позициите, работните групи на власта и опозицијата денеска треба повторно да се состанат во обид да се усогласат околу Законот за јавното обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на СЈО.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера достави до Министерството за правда три принципи кои ќе инсистираат да се имплементираат во Предлог законот за Jавно обвинителство – целосна имплементација на меѓународните стандарди кои се однесуваат на Обвинителството и на обвинителите, заштита на основните човекови права и независност, неутралност, отчетност, ефикасност и ефективност во борбата против криминалот.
– Доколку се прифатат овие принципи, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено активно да партиципира, рече вчера на прес-конференција Тони Менконоски, кој ја предводи работната група на партијата во разговорите со власта за усогласување на ставовите. Тој посочи дека нивните забелешки на 120 страници веќе ги доставиле на првиот состанок што се одржа во Министерството за правда во понеделникот и сметаат дека законот има суштински недостатоци за понатамошното функционирање на Обвинителството.
Во делот на човековите права бараат да се формира посебно одделение за следење на европската регулатива и пракса на Европскиот суд за човекови права што ќе овозможи правилна примена на законите и судската пракса на овој Суд во Обвинителството, а остануваат и на ставот дека доказите кои ги поседува СЈО не може да служат во понатамошни судски постапки, затоа што според нив станува збор за нелегално собрани докази од нелегитимен орган. Опстојуваат и на ставот СЈО да работи како посебно одделение во рамки на Обвинителството за организиран криминал и корупција, како и изборот на јавниот обвинител да се врши по предлог на опозицијата.
– Согласно принципот на отчетност СЈО да ги доврши започнатите судски предмети кои се поднесени до 30 јуни 2017 и согласно со законот да престане да ја извршува функцијата сегашниот персонален состав на ова Обвинителство, како и да се формира посебна анкетна комисија од страна на Собранието која ќе ја оцени неговата работа, ќе изврши увид и ќе утврди како тоа ги трошело парите. Согласно принципот на ефикасност и ефективност во борбата против криминалот предлагаме ново одделение во рамки на Јавното обвинителство за организиран криминал како специјално јавно обвинителство и предлагамаме проширување на опфатот на предметите кои порано беа покриени со различни афери, истакна Менкиноски.
Од Министерството за правда вчера излегоа со оценка дека со досегашниот несериозен однос во процесот на носење на законот за Јавното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ покажала дека амнестијата на сторители на сериозни кривични дела од редовите на нивната партија им е поважна цел од европската иднина на граѓаните.
Преку соопштение Министерството наведе дека до нив наместо конкретни амандмани и предлози за законот за Јавно обвинителство, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пристигнал документ во кој се наброени меѓународни документи, од кои дел не се однесуваат на Јавното обвинителство, а останатиот дел се веќе имплементирани во истиот закон.
-Согласно средбата на работната група, ВМРО-ДПМНЕ требаше да достави конкретни амандмани со кои би се понудиле алтернативни решенија на Предлог-законот, кој е во собраниска процедура. Очигледно, ВМРО-ДПМНЕ во недостаток на аргументи и подобри решенија за одредбите кои се однесуваат на Јавното обвинителство во целина, одбра есеистички пристап со единствена цел да го одолговлечи процесот на носење на Законот за Јавното обвинителство, соопшти Министерството за правда.
Во однос на трите барања (изборот на јавен обвинител да биде на предлог на опозицијата, прекинување на сите постапки кои се покренати од СЈО по 30 јуни 2017 година и СЈО да биде организирано како одделение во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција) од Министерството за правда за првото барање упатуваат на решенијата во Уставот каде е прецизирано кој го предлага јавниот обвинител и со какво мнозинство тој се избира, додека во однос на второто барање оценуваат дека „тоа практично значи признавање на постоење на криминал и барање на амнестија”. Во врска со третото барање, наведуваат дека тоа би значело разводнување на капацитетите кои СЈО веќе ги поседува и ослабување на ефикасните механизми за борба против криминалот и корупцијата.
– Во рамки на третото барање е содржан предлог за „испитување на претходни коруптивни и инкриминирани дејствија кои за македонската јавност останаа неразјаснети”. Во врска со ова барање, потсетуваме дека Законот за Јавното обвинителство содржи одредби со кои СЈО ќе биде овластено да гони коруптивни дела сторени од сите јавни функционери и таа надлежност ќе има право да ја врши како за идни кривични дека, така и за сите минати кривични дела кои не се застарени, појаснуваат од Министерството за правда.
Владејачкото мнозинство очекува законот за јавното обвинителство да биде донесен до крајот на март, односно пред почетокот на кампањата за претседатеските избори. Тоа е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ во јуни.