Повеќе од 150 лица се убиени, а десетици илјади се раселени во Буркина Фасо по злосторствата од страна на исламистички вооружени групи и операциите против тероризмот од страна на безбедносните сили, се вели во извештајот на ХРВ објавен денес, пренесува „Спутник“.
Извештајот на „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) документира над 40 убиства од исламисти, главно налуѓе за кои се сомневаат дека соработуваат со владата, како и егзекуции на повеќе од 115 мажи обвинети од страна на безбедносните сили за поддршка на терористите.
ХРВ соопшти дека интервјуирале 92 жртви и сведоци на злосторствата, лидери на заедниците и службеници. Пријавените злосторства се случиле во 32 села во проблематичниот регион Сахел, од средината на 2018 до февруари 2019 година.
Извештајот доаѓа откако серија напади на исламистички групи поврзани со терористичките групи Ал Каеда и Исламска држава врз армијата, полицијата и цивилите ја потресоа западноафриканската земја од 2016 година, најмногу во северниот регион Сахел, предизвикувајќи насилен одговор од владата.