Во наредните три-четири години се очекува Прилеп да добие нов театар. До крајот на годинава треба да биде готов главниот проект, а од 2020 година да почне изградбата на нова театарска зграда во склопот на Центарот за култура „Марко Цепенков”. Со тоа ансамблот на театарот и градот ќе го реализираат деценискиот копнеж за нов театар, изјави Стојан Дамчески, раководител на ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински”.
Министерството за култура во програмата за инвестиции за оваа година, рече тој, предвидело средства за подготовка на проектна програма, идејно решение и главен проект за изградба на театарот во Прилеп.
-Во договор со Министерството и со локалната самоуправа со стручни мислења, утврдивме дека најсоодветно решение за да се изгради театар е во постојната зграда на Домот на културата „Марко Цепенков”, во т.н. Блок Д, или попознато, на просторот од киното „Мис Стон” и Арт -кафулето. Тој простор е имот на Владата и за него ќе се распише конкурс за идејно решение со комплетна инфраструктура: засебен влез, седишта, посебна сцена, односно, комплетно нов театар, но ќе се вклопи со останатиот објект од Домот, рече Дамчески.
Додаде дека во моментов во локалната самоуправа се работи на измени на Деталниот урбанистички план кој треба да биде готов по изборите. Врз основа на тоа ќе се изготват: идејно решение, потоа главен проект и од следната година да почне изградбата со средства што ќе ги предвиди и ги предвидува Министерството за култура, кое е носител на проектот за изградбата, а сѐ ќе оди преку Центарот за култура „Марко Цепенков”.
-Ако за 3-4 години Прилеп добие нов театар, тоа ќе биде одлично решение за ансамблот, за градот. Прилепскиот е еден од најмладите ансамбли, само тројца актери се блиску до пензионирање, но и за едните и за другите ќе биде тоа голем настан зашто по 70 години од постоењето на театарот, кој тој јубилеј ќе го одбележи во февруари наредната година, ќе биде за паметење, зашто театар еднаш се гради за многу генерации. Посебна е надежта дека младите актери ќе работат во многу подостоинствени услови знаејќи ги повеќе од скромните услови во сегашниот објект на театарот, рече Дамчески.
Олеснителна околност е што објектот не се гради од темел, како што е случајот со МНТ или Велешкиот театар, а нема спорни ситуации околу имотно-правните односи зашто објектот на Центарот за култура „Марко Цепенков” е во сопственост на државата. Инаку, сегашниот објект на театарот досега се реновирал во делови колку да биде пристоен за работа.
Со новиот театар многу ќе добие и Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински” кој на едно место ги собира сите професионални театри во земјава.
Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински” од 2004 година е во состав на Центарот за култура „Марко Цепенков” и не е посебен правен субјект, иако ансамблот во иднина посакува да биде посебна правна институција.