Учесниците на утрешниот собир на „жолтите елеци” во Париз, не ќе смеат да протестираат на Шанзелизе и на плоштадот кај Триумфалната порта, а во „забранетата зона” се вклучени уште и Елисејската палата и француското Национално собрание, јави дописникот на МИА.
Ова забрана, што ја издаде Префектурата на Париз, доаѓа по насилство за време на демонстрациите на „жолтите елеци” минатата недела.
– Постојат сериозни причини да се смета дека насилството и уништувањето, најверојатно ќе се повтори и за време на најавените собири, се вели во декретот потпишан од новиот префект на полицијата на Париз, Дидие Лалман, кој ја презеде функцијата во четвртокот.
Поради ова, според Префектурата, собирите на „жолтите елеци” ќе бидат забранети на Шанзелизе и на делови од 100 метри во споредните улици кои водат до авенијата, како и на плоштадот кај Триумфалната порта и околу Претседателството на Републиката и Националното собрание. Сообраќајот, исто така, ќе биде забранет во секторот на Елисејската палата од утре во 6 часот.
– Секое прекршувањето на овие одредби ќе биде санкционирано со парична казна за учество во неовластени демонстрации, предупреди Префектурата. Не почитувањето на забраната секој учесник може да го чини 135 евра. Досега казната за ова дело беше само 38 евра.
Декретот, исто така, забранува „носење и транспорт на оружје, вклучувајќи имитации, муниција, како и сите објекти кои би можело да послужат како оружје”. Забрана има и за носење на предмети кои имаат за цел да се сокрие целото лице или дел од него, како и заштитна опрема од сите или дел од средствата кои се користат од страна на полицијата за одржување на јавниот ред и мир. како шлемови или очила за пливање”.
Во „забранетата зона” ќе биде забрането користење на секакви пиротехнички средства и носење на опасни супстанции.
– Надвор од овие зони, може слободно да се остварува правото на протести, што е основна слобода. Но, секој собир на кој ќе има проблеми, веднаш ќе биде растурен, вели префектурата.
Протести се забранети и во повеќе други француски градови, како Тулуз, Бордо и Мец.