Продолжува акциjата за чистење на комуналниот отпад во повеќе населени места на територијата на општина Струмица со конкретни активности на ЈПКД „Комуналец” во соработка со општината и голема помош со механизација на дел од приватниот сектор. Денес се чистеа диви депонии во населените места Банско, Муртино и Просениково.
Раководителот на секторот „Комунална хигиена” при ЈПКД „Комуналц”,Бранко Горѓиев, информираше дека првата недела од акцијата за чистење на дивите депонии биле подигнати 1.370 метри кубни отпад, а исчистени се депонии во населените места Просениково, Добрејци и Водоча.
-Со овие акции се очекува значително да се подобри состојбата со непрописното одложување на отпадот, намалување на неговото штетно влијание и локализирање на депониите со цел полесна контрола на истите, рече Горѓиев,
Градоначалникот Коста Јаневски и директорот на „Комуналец”, Зоран Горгиев и денеска повторно упатија апел до граѓаните за совесно и правилно да го одлагаат својот отпад, со цел да се спречи создавање на диви депонии и да се сфати пораката дека заштитата на животната околина зависи од сите нас.