Специјалниот обвинител Роберт Малер ја заврши истрагата за можната вмешаност на Русија во американските избори во 2016 година и наводниот заговор на кампањата на претседателот Доналд Трамп со Москва, по што синоќа го предаде извештајот до јавниот обвинител на САД, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Министерството за правда на САД соопшти дека јавниот обвинител Вилијам Бар го проучува извештајот и ќе го информира Конгресот за резултатите од истрагата во „текот на овој викенд”.
Во писмо до сенаторите јавниот обвинител укажа дека тој ќе оцени „каква информација од извештајот може да биде обелоденета за Конгресот и за јавноста во рамките на законот”.
Белата куќа, од своја страна, информира дека не го добила извештајот на Малер.
– Следните чекори зависат од јавниот обвинител и со нетрпение чекаме процесот да оди по својот ред, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
Трамп во меѓувреме синоќа замина на викенд во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, од каде неговите адвокати, Џеј Секулоу и Руди Џулијани изјавија дека „се задоволни за запазената процедура во предавањето на документите до јавниот обвинител.
– Јавниот обвинител ќе укаже кои се следните соодветни чекори, се вели во изјавата на адвокатите.
Со ова, конечно заврши речиси двегодишната политичка сага со истрагата на Малер.
Резултатот се обвиненија за триесеттина лица од кои половината се поранешни соработници во кампањата на Трамп од 2016 година, а другата половина се руски државјани, агенти на руското воено разузнавање ГРУ, како и три руски компании. Петмина од поранешните соработници на Трамп веќе ја признаа својата вина, а тројца од нив, Мајл Коен, Пол Манафорт и Џорџ Пападопулос се осудени за повеќе кривични дела, како финансиски малверзации и лажење пред Конгресот.
Манафорт и Коен добија повеќегодишни затворски казни, а Пападопулос беше казнет само 14-дневен затвор за лажење на Федералното истражно биро (ФБИ).
Завршувањето на истрагата значи дека нема да има повеќе обвиненија. Во текот на истрагата, Трамп ниту еднаш не беше испрашан од Малер.