Нов протест „1 од 5 милиони“ започна вечерва во Белград под слоганот „Исто место – исти барања“.
Како што пренесува агенцијата „Танјуг“, протестот започнал со интонација на српската химна и минута молчење за жртвите од НАТО-бомбардирањето во 1999 година. Во Србија деновиве се во знакот на 20-годишнината од овие воени дејствија кои започнаа на 24 март 1999 година.
На платото пред Филозофскиот факултет во Белград, најпрво пред толпата демонстранти се обрати актерот Бранислав Лечиќ, кој ја повика толпата на мирен протест и побара да не се наседнува на евентуални провокации.
Најтензично досега на протестите „1 од 5 милиони“ беше минатиот викенд кога поголем дел од демонстрантите упаднаа во просториите на Радио-телевизија Србија каде бараа да им се дозволи да се обратат во централниот Дневник. Сепак, организаторите не успеаја во намерата, а интервенираше полицијата која демонстрантите ги изнесе надвор од зградата на РТС.
Ден потоа, во неделата, во врска со овие настани се обрати српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој го осуди насилството. Додека тој се обраќаше од просториите на Претседателството, демонстранти го опколија објектот во намера да го спречат да замине од таму. На крајот, Вучиќ сепак успеа да го напушти Претседателството без да дојде до посериозен инцидент.
Протестите под слоганот „1 од 5 милиони“ започнаа есента 2018 година, по инцидентот во кој беше претепан лидерот на Левицата во Србија, Борко Стефановиќ. Според нивната стратешка цел и организација, тие се индиректно продолжување на „протестите против диктатурата“ од 2017 година и се насочени против начинот на кој српскиот претседател ја спроведува власта.
Тие претставуваат најдолготрајни масовни антивладини демонстрации во Србија од времето на петто-октомвриските промени во 2000 година.