Албанија, признава девет национални малцинства, романско, бошњачко, бугарско, египќанско, грчко, црногорско, македонско, ромско и српско. Во четвртото мислење за Албанија, Советодавниот комитет на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства (РКНМ) ја повикува Тирана да обезбеди законот на земјата за заштита на националните малцинства да може ефикасно да се спроведе со донесување дополнителна легислатива, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во извештајот на Комитетот е опфатена и положбата на македонското национално малцинство во Албанија, за кое, како што стои во извештајот е обезбедена настава на мајчиниот јазик само во шест училиштата во областа на Корча. Од друга страна, инцијативата за создавање на паралелки за настава на македонски јазик во Требишта, беше попречена од страна на регионалните дирекции за образование, наведуваат експертите на Советот на Европа.
На македонски јазик во Албанија се емитуваат програми на радиото и телевизијата, но претставниците на малцинствата сметаат дека тие се ретки и не се доволни.
Советодавниот комитет жали што не се обрна внимание на влијанието на административното преструктуирање на општините од 373 на 61, за процентот на населението во областите каде што лицата што припаѓаат на националните малцинства претставуваат важен, често мнозински дел од населението иако малцински. Само во три општини, меѓу кои и општината Пустец во областа Корча каде мнозинското население е македонско, се со мнозинско население составено од националното малцинство, во случајов македонското.
Комитетот забележува дека само во три општини во Албанија, од кои едната е Пустец со македонско население се надминува бројката од 20 отсто на населението за да може да се користи мајчиниот јазик во јавните органи. Но надвор од оваа општина, македонското малцинство не може да ги користи поволностите на законот од 2017 година.
Со одлука на министерскиот совет на Албанија од мај 2011 се укина и обврската на изводите од матичните книги на родените да се назначува етничката припадност на лицата, која била дискриминаторска.
При разгледувањето на постигнатиот напредок и препораките донесени врз основа на посетата минатата година, Комитетот ја нагласува потребата строго да се почитува принципот на слободнo определување и фактот дека властите мора да престанат да се потпираат исклучиво на архивските податоци и регистарот за граѓански статус за да ги потврдат изјавите на лицата што припаѓаат на националните малцинства, пред пописот закажан за 2021 година.
Ромите и Египќаните и натаму се жртви на нееднаквост и дискриминација, особено на локално ниво. Треба да се направат дополнителни напори за подобрување на нивните услови за живеење и пристап до вработувањето, образованието и здравствената заштита и да се промовира нивната интеграција во општеството. Дополнително, треба да се доделат соодветни средства за имплементација на Националниот акционен план за интеграција на Ромите и Египќаните за периодот 2016-2020 година.
Мислењето, исто така, ја нагласува потребата да се обезбеди бројно помалите национални малцинства да имаат пристап до образование на јазиците на малцинствата и да се обезбеди достапност на доволен број учебници.
Други препораки вклучуваат распределба на средства за инфраструктурни проекти што се однесуваат на националните малцинства; заштитата на жените и децата што припаѓаат на ранливите заедници против експлоатација и злоупотреба и нивниот пристап до правна помош и правда; развој на јавна радиодифузија на јазиците на малцинствата; делегацијата во Советите на Заедницата да има овластување да одлучува за употребата на јазиците на малцинствата во односите со административните власти и за топографски индикации; усвојување на правила и процедури за основање и функционирање на Комитетот за национални малцинства и ревизија на Законот за национални малцинства со цел воспоставување на консултативни механизми на локално ниво