Илјадници српски граѓани синоќа се собраа на протести под мотото „Еден од пет милиони” во повеќе градови ширум Србија, меѓу кои и во Нови Сад, Ниш, Ваљево, Чачак, Лексовац, Крушеваац, Бор, Ужице, Горњи Милановац, Врање и Панчево.
Во обраќање на протестот во Нови Сад, познатиот новинар Срѓан Шкоро го повика српскиот претседател Александар Вучиќ да поднесе оставка на функцијата.
– Вучиќ времето ти истече, пакувај си ги куферите, му порача Шкоро на шефот на српаката држава.
Тој нагласи дека пред 30 години додека авионите на НАТО „уништувале се и додека српските граѓани ги пребројувале ранетите и жртвите”, Вучиќ ја мерел „квадратурата на својот стан”.
– Денес со помош на оние што не бомбардираа, тој ја ограбува оваа земја. Обработливите површини се продаваат на Арапи и криминалци. Нема да може повеќе така, порача Шкоро.
На собирот во Ваљево, независниот одборник во Градското собрание, Љубомир Радовиќ нагласи дека „државата го занемарува фактот оти законите повеќе немаат смисла и не важат под еднакво за сите”.
На протестот во Крушевац, пак говореше претставничката на студентите Нина Вујичиќ која ја осуди одлуката „за испраќање на полиција против луѓето, учениците и студентите, кои се борат за слобода на говорот и за држава без цензура, наместо против криминалците, кои слободно шетаат по улиците”.
Од собирот во Ниш беа повторени барањата за оставка на највисоките носители на власта во Србија, за одржување на слободни и фер избори на сите нивоа, како и за смена на раководствата на јавните сервиси РТС и РТВ и беше искажана поддршка на приведените демонстранти.
За денеска во Белград пак се најавени нови протести под мотото „Еден од пет милиони”, кои се очекуваат во тензична атмосфера, по упадот на дел од демонстрантите во зградата на РТС минатата сабота и блокадата на Претседателската палата во неделата.