Илјадници демонстранти се очекуваат денеска да излезат на улиците низ Европа во пресрет на одлучувачкото гласање за реформа на законот на ЕУ за авторски права.
Противниците на реформата, особено на контроверзниот член 13, најавија десетици протести во околу 20 земји, вклучително Германија, Австрија, Полска, Чешка, Холандија, Кипар, Финска и Португалија.
Во Германија, каде противењето на реформата е особено жестоко, протести се планирани во Берлин, Келн, Хамбург, Минхен, Хановер и Франкфурт.
Во склоп на законот, кој би требало во вторник да помине во Европскиот парламент, дигиталните компании би требало да инсталираат филтр за испраќање датотеки, за да осигураат дека поделената содржина не е предмет на авторски права.
Членот 13 со новите одредби, според кои платформите ќе бидат одговорни за материјалот под авторските права, предизвика посебни критики. Критичарите велат дека новиот закон би ги присилил стартап компаниите да купуваат филтри по значително високи цени, а многу од нив нема да можат. Исто така тврдат дека законот би можел да води цензура, бидејќи филтрите исто така би ја блокирале легалната содржина како цитат, пародија и сатира.
Медиумските организации како ДПА, ги поддржаа промените.