Во издание на Тим-прес (Tim-press) од Загреб, во еден том објавени се романите „Времето на козите” и „Враќањето на козите” на Луан Старова.
Култниот роман на академик Старова, „Времето на козите”, досега, во светот е објавен на дваесет јазици, а во Хрватска за првпат бил објавен пред близу дваесет години во превод на хрватскиот преведувач Мате Марас.
Одличниот прием на првиот роман, го предизвикал интересот и за објавување на романот „Враќањето на козите”.
Издавачот Тим-прес во 2017 година во превод на Жељка Демниева и Споменка Демниева го објави на хрватски јазик и романот „Ервехе-книга за една мајка”, прогласен за роман на годината во нашата држава (2005). Во 2018 година на хрватски јазик беше објавен и четвртиот роман на Луан Старова „Љубовта на генералот”, во превод на Мате Марас.
Претходно, повеќе романи од Старова се објавени во Франција, Германија, Италија, Турција, Бугарија и други земји.