Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации кои биле објавени во медиумите денеска изјави дека син на виш полициски советник на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во угостителски објект во скопско Марино избол полициски службеник, кој бил однесен на комплексот клиники и бил во животно загрозувачка состојба.
„Полицискиот службеник се уште е во животна опасност, а за да го спасат докторите мораа са му извадат еден бубрег и слезина“, рече Ѓорѓевски.
Тој оцени дека со владеењето на оваа власт никој не е безбеден.
„Убиецот на младиот Мартин Јанушев не е затворен и две години по бруталната егзекуција. Не се во затвор ниту убијците кои на Рузвелтова, среде Скопје стрелаа со калашникови и одзедоа два човечки живота. Со Заев, Спасовски и Пендаровски загрозени се животите на сите граѓани. Сигурни се единствено криминалците. Со Заев Спасовски и Пендаровски Македонија оди назад, а Скопје наликува на Белград од 90-тите години“, рече Ѓорѓевски и додаде дека власта е неспособна и треба што поскоро да замине.