– Екипажот на бродот за крстосување, чии мотори откажаа вчера во близина на норвешкиот брег, успеа да стави во функција три од четири мотори и според одредени извештаи, воспоставена е контрола над бродот. Бродот, со помош на шлеп полека се доближува до пристаништето, соопшти норвешката крајбрежна стража.
Евакуацијата е прекината, а досега се спасени 460 од 1373 луѓе на бродот, јави ДПА. Дел од западните медиуми претходно јавија дека евакуацијата во целост е завршена.
Крузерот „Викинг скај”, близу брегот на Норвешка имаше дефект на моторите, по што, вчера попладне испратил повик за помош. Кога проработел еден мотор, бродот успеал да се засидри.
Пет хеликоптери и неколку спасувачки бродови учествуваа во спасувачката акција во текот на целата ноќ, а еден од бродовите имал проблеми со моторот, така што два хеликоптери биле пренасочени за спасување на екипажот од тој брод.
Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека временските услови се многу неповолни, со бранови што достигнувале височина од 10 метри.
Полицијата информира дека 16 лица, поради повреди, се превезени во болница. Тројца од нив се во критична состојба.