Како прв пример, тој се осврна растот на бруто домашниот производ од 3,7 проценти во последниот квартал од 2018 година. Рече дека во 2018 обезбеден е рекорден износ на странски инвестиции од 624,5 милиони евра, а како трет важен економски параметар посочи на индустриското производство во 2018, кое било највисоко во последните седум години, 5.4 проценти.
Дополнително, како што рече Костадинов, забележан е најголем раст на просечната плата од 8.1 отсто во декември 2018 година – 25.784 денари, а невработеноста се намалува, на историски најниско ниво под 20 проценти. За неполни две години, вели Костадинов, бројот на вработените е зголемен, а отворени се над 26 илјади работни места.
„Континуираниот раст на економијата, зголемувањето на инвестициите, индустриското производство, растот на платите и намалувањето на невработеноста покажуваат дека стратешки добро се поставени политиките, се движиме во вистинска насока“, изјави партискиот портпарол.
Додаде дека полноправното членство во НАТО дополнително ги поттикнува инвестициите и економскиот раст, а тоа влијае и на намалување на невработеноста во земјава.