Утре министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ќе оствари еднодневна работна посета на Грац, Република Австрија.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Димитров ќе престојува во Австрија на покана на Универзитетот во Грац, каде ќе одржи предавање проследено со отворена дискусија на тема „До Европа преку Преспа: Европската интеграција на Северна Македонија.“ Посебен акцент ќе биде ставен на Договорот од Преспа, „европеизацијата“ како процес кој придонесува кон надминување на конфликтите и споровите во регионот, како и актуелните предизвици и идните перспективи на патот кон Европската унија. Притоа, Министерот ќе се сретне и со раководството на Универзитетот во Грац.
За време на престојот во Грац, Димитров ќе оствари работна средба со државниот советник за економија, туризам, Европа, наука и истражување во локалната Влада на Штаерска, Барбара Ајбингер, како и неформална дискусија со претставници од академската и бизнис заедницата. На средбите се очекува да се разменат мислења за европската интеграција на земјата, досегашните остварувања на планот на реформската агенда, како и можностите за продлабочување на академската и економската размена и соработка.