Здружението Афористичка репрезентација на Македонија (АРМ) ги прогласи најдобрите творби на отворениот конкурс на тема „Политикоманија”, што беше распишан во рамки на традиционалната вечер на македонски афоризам.
Жири-комисијата одлучи првата награда да му припадне на Марјан Ангеловски од Скопје, второнаграден е Витомир Долински од Струга, а третата награда ќе му припадне на Атанас Крлевски од Велес.
-Годинава на конкурсот се пријавија вкупно 19 афористичари, од кои еден од странство, па неговите афоризми беа вон конкуренција за наградите. Останатите автори доставија вкупно 26 пратки со афоризми на зададената тема, од кои комисијата навистина имаше пријатно задоволство да ги избере најдобрите. Наградите се парични, иако здружението добива минимална финансиска помош од стопанските субјекти, а во последните години изостанува поддршката од Министерството за култура, истакна Јане Атанасов, претседател на здружението АРМ.
Покрај првите три награди, жири-комисијата додели и пофалници за афористичарите Георги Хаџи Васков од Скопје и Љубинка Донева и Јане Атанасов од Кочани. Златна плакета доби и Васил Толевски за неговиот особен придонес за развојот на македонскиот хумор и сатира.
Дипломите и пофалниците на наградените автори ќе им бидат доделени на Седмата вечер на македонскиот афоризам „Кочани 2019″, што ќе се одржи на 29 март.